Faisal Mahmud
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар и неговиот египетски колега Бадр Абделати денес ја нагласија важноста на континуираниот дијалог и дипломатскиот ангажман по обновените судири помеѓу САД и Иран, пренесува Анадолу.
Според соопштението објавено од Министерството за надворешни работи на Пакистан, министрите размениле мислења за актуелните регионални прашања и ја потврдиле својата посветеност на дипломатијата како средство за зајакнување на мирот и стабилноста.
Телефонскиот разговор се реализира во време кога САД и Иран во текот на ноќта разменија нови воздушни напади и покрај прекинот на огнот што беше постигнат во април за перманентно ставање крај на војната што трае од 28 февруари.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека Абделати изразил благодарност за континуираните посреднички напори на Пакистан, при што двајцата лидери изразиле надеж дека тековните дипломатски иницијативи ќе доведат до што поскоро постигнување договор меѓу засегнатите страни и ќе придонесат за траен мир и стабилност во регионот.
Според соопштението, Абделати го поканил Дар да учествува на претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на „Регионалната четворка“ (Р-4), кој ќе се одржи во Египет кон крајот на овој месец.
Во соопштението се наведува дека Дар ја прифатил поканата.
Шефовите на двете дипломатии се согласија да одржуваат редовна комуникација, како и да продолжат со консултации во поглед на развојот на регионот и прашањата од заеднички интерес, соопшти Министерството.