Elena Teslova
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
МОСКВА (АА) - Четири големи бази за гориво беа уништени во Украина синоќа со високопрецизно оружје, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ракети со висока прецизност од воздух и море погодија 4 бази на гориво во областа на населбите Миколаев, Запорожје, Харков и Чухуив, од кои со гориво се снабдуваа украинските војници во близина на Харков, Миколаев и Донбас“, изјави портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, на дневниот брифинг со новинарите во Москва.
„Воздухопловните сили, исто така, погодија 29 воени објекти на Украина, вклучително и 2 командни точки, радар на системот за воздушна одбрана С-300, 7 артилериски батерии, складиште за муниција и 10 точки на концентрација на воена опрема“, рече тој, додавајќи дека системите за противвоздушна одбрана собориле 5 дрона.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, уништени се 125 авиони, 93 хеликоптери, 413 беспилотни летала, 227 системи за противвоздушна одбрана, 1.987 тенка и други оклопни борбени возила, 218 повеќекратни ракетни фрлачи, 866 теренска артилерија и минофрлачи, како и 1.894 единици специјални воени возила“, рече тој.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што ЕУ, САД и Обединетото Кралство, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Како одговор, Русија воведе визни ограничувања за граѓаните на „непријателските земји“ и побара од овие држави да ги платат нејзините енергенси во рубли.