Zehra Ulucak
02 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
СЕУЛ (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, неодамнешната средба на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во демилитализираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја, ја опиша како крај на непријателските односи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мун, на состанокот на Кабинетот се осврна и на средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, одржана за време на викендот на границата меѓу Северна и Јужна Кореја“, јави новинската агенција „Јонхап“.
Јужнокорејскиот претседател смета дека, иако лидерите на Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Кореја не потпишале никаков документ, средбата значи крај на непријателските односи и почеток на ера на мир.
Трамп во обраќањето по состанокот изјави дека ќе ги продолжи преговорите за нуклеарната програма.
„Се обидуваме да дојдеме до сеопфатен договор. Тоа беше добар и историски ден. Сето тоа брзо го одработивме“, изјави Трамп по состанокот со Ким.
Истакнувајќи дека претходната администрација на САД не сторила ништо по прашањето за денуклеаризација на Северна Кореја, Трамп тогаш изјави дека неговата администрација направила чекор напред.
Американскиот претседател Трамп изјави дека Северна Кореја во последно време не извршувала нуклеарни тестирања и лансирања на балистички ракети, а за неодамнешните тестирања изјави дека се работело за помали проекти кои практично ги тестираат и речиси сите други држави во светот.