Abdoulaye İbrahim Bachir
21 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
МЕКА/БЕРЛИН/РАМАЛА/КАИРО/ТРИПОЛИ/КИГАЛИ/АФРИН (АА) - Муслиманите низ светот го одбележуваат еден од најголемите муслимански празници Курбан бајрам, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу два милиона аџии клањаа Бајрам намаз во Ќаба, Мека. Голем број муслимани од целиот свет се наоѓаат во Мека, каде што ја извршуваат едната од петте исламски должности.
И џамиите во Германија утрово беа полни со муслимани кои живеат во таа земја. Бајрам намаз се клањаше во џамиите во Берлин, Келн и во други градови.
Бајрам намаз клањаа и верниците во Палестина. Во џамијата „Ед Дариф“ во Рамала, Бајрам намаз клањаше и палестинскиот премиер Рами ел Хамдала, како и членовите на Централниот комитет на Фатах.
Хамдала порача дека остануваат на одлуката за формирање независна држава Палестина, со Источен Ерусалим (Кудс) како престолнина.
Голем број верници Бајрам намаз клањаа на стадионот „Амахоро“ во Кигали, Руанда. Преку бајрамската хутба испратени се пораки за братство и заедништво. Беше порачано дека во Руанда, каде што живеат околу 10 отсто муслимани, муслиманите и христијаните живеат во мир.
Верниците за Бајрам намаз ги исполнија џамиите и во Триполи, Либија, како и во египетскиот главен град Каиро.
И низ цела Турција, беа исполнети сите историски џамии. Посебната атмосфера за Бајрам намаз можеа да ја почувствуваат верниците кои оваа молитва ја извршуваа во историските џамии во Истанбул, стари неколку века.
- Околу 100.000 муслимани за Бајрам намаз во џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим -
Голем број муслимани од сите делови на Источен Ерусалим (Кудс) клањаа Бајрам намаз во џамијата „Ал Акса“.
Портпаролот на Управата за вакуфи во Ерусалим, Фирас ед Дибс, изјави дека на Бајрамската молитва во „Ал Акса“ биле присутни околу 100.000 верници, меѓу кои и муслимани од бројни други арапски земји, по што на децата им се поделени подароци.
И муслиманите во Русија за Бајрам намаз се собраа во џамиите низ земјата, а најбројни беа во Москва, Казањ и во други поголеми градови.
Во Москва беше сопрен и сообраќајот, со цел на верниците да им се овозможи извршување на молитвата во централната џамија и во нејзината околина.
- Сирија: Во Африн првиот Курбан бајрам по ослободувањето од терористите -
Во сирискиот Африн се одбележува првиот Курбан бајрам, откако припадниците на Вооружените сили на Турција и Слободната сириска војска го ослободија подрачјето од терористите.
Операцијата „Маслинова гранка“ започна на 20 јануари, а центарот на Африн од терористите на ЈПГ/ПКК е ослободен на 18 март. Населението почна да се враќа во Африн, а денес, во безбедно опкружување го одбележува Курбан бајрам.
„Бајрамската атмосфера во Африн е прекрасна“, рече локалниот жител Ахмед Али, заблагодарувајќи им се на Турските вооружени сили и на Слободната сириска војска за ослободувањето на градот од терористите.