Ekipa
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
ЈАНГОН (АА) - Мјанмарската војска го отпушти генералот за кој Европската Унија тврди дека е најодговорен за злосторствата врз муслиманите Рохинџи во западната мјанмарска држава Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Отпуштањето се случи откако ЕУ и Канада воведоа санкции против генерал-мајор Маунг Маунг Сое, шефот на Западната команда на вооружените сили на Мјанмар, и уште шест воени и полициски службеници поради сериозни злоупотреби на позициите за време на воените операции. Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за патувања.
Војската во соопштението денес наведе дека Маунг Маунг Сое е отпуштен поради слабите резултати под негова команда во решавање на ситуацијата со Рохинџа муслиманите во 2016 и 2017 година.
Меѓу неговите слабости беше и неуспехот да се спречи извршувањето насилни дела со користење претерана сила.
Според податоците на организацијата „Аmnesty International“ (Амнести Интернешнал), од 25 август 2017 година над 750.000 бегалци, поголемиот дел деца и жени, побегнаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако мјанмарските сили започнаа репресија врз малцинската муслиманска заедница.
Меѓународната, хуманитарна и невладина организација „Лекари без граници“ наведе дека од 25 август до 25 септември минатата година во мјанмарската држава Аракан биле убиени најмалку 9.400 муслимани Рохинџи.
Во неодамнешниот извештај, оваа организација наведе дека од нив, 6.700 Рохинџи или 71,7 отсто биле убиени со насилство, додека меѓу жртвите се наоѓаат и 730 деца помлади од пет години.
ОН досега документираше масовни силувања, убиства, вклучувајќи и убиства на бебиња и мали деца, брутално претепување и исчезнувања кои ги извршија припадниците на безбедносните сили.
Истражителите на ОН во извештајот наведоа дека таквите кршења можат да претставуваат и злосторства против човештвото.