Ikrame Imane Kouachi
04 Јануари 2025•Ажурирај: 05 Јануари 2025
АМАН (АА) - На 7 јануари ќе бидат дозволени меѓународни летови од меѓународниот аеродром во Дамаск, соопшти шефот на Сириската управа за цивилно воздухопловство и воздушен транспорт, Ашад Ал Сулеиби, известува Анадолу.
Сириската новинска агенција САНА објави дека Ал Сулејби ги информирал регионалните и меѓународните авиокомпании дека во тек се напори за целосно обновување на аеродромите во Дамаск и Алепо, двата најголеми града во Сирија, со помош на меѓународни партнери.
„Со задоволство го најавуваме обновувањето на меѓународните летови до и од меѓународниот аеродром во Дамаск од 7 јануари“, истакна Ал Сулејби.
Оваа одлука доаѓа откако воздушниот сообраќај во Дамаск беше суспендиран повеќе од една деценија. Повеќето авиокомпании ги прекинаа летовите до и од Дамаск во 2012 година поради насилното задушување на протестите што избувнаа во 2011 година, што го означи почетокот на граѓанската војна.
„Катар ервејс“ стана првата меѓународна авиокомпанија која најави враќање на летовите, закажувајќи три летови неделно до Дамаск веќе од вторник, 7-ми јануари.
Башар ал Асад, кој беше лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи го зазедоа главниот град Дамаск на 8 декември минатата година, ставајќи крај на владеењето на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Промената дојде откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам брзо ги освоија клучните градови во офанзивата што траеше помалку од две недели.
Новата администрација предводена од Ахмед ал Шара сега ја презеде контролата врз земјата.