Turgut Alp Boyraz
21 Јули 2017•Ажурирај: 22 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (AA) - Израелските власти забранија влез во џамијата Ал Акса за мажите помлади од 50 години, а истовремено полицијата насилно ги растерува Палестинците собрани со цел да ја извршат редовната петочна заедничка молитва на муслиманите (џума намаз), јавува Anadolu Agency (AA).
Израелските власти поставија детектори за метал на вратата од џамијата Ал-Акса, а муслиманите одбиваат да поминат низ таков вид на контроли поради кршењето на основите права. Напнатоста во Ерусалим расте, а од исламските државни и верски авторитети стасуваат осуди поради мерките за забрана во врска со џамијата Ал-Акса кои се однесуваат на муслиманите.
Според израелските медиуми, премиерот на Израел, Бењамин Нетанјаху, не одобрил да бидат отстранети детекторите за метал од влезовите во џамијата Ал Акса, храм кој е трет по значење за муслиманите.
Од друга страна, муслиманите во Ерусалим одлучија да ги затворат останатите џамии и петочната молитва да ја извршат во Ал Акса. На автобусите што превезуваат муслимани од другите места денес не им е дозволен влез во Ерусалим, па редовната петочна молитва тие денес ќе ја извршат на улицата недалеку од ѕидот на разделување, каде што потоа ќе бидат одржани масовни протести поради рестрикциите што се однесуваат на Ал Акса.
Израелските безбедносни сили во понеделникот, по четири дена, ја укинаа забраната за влез во реонот Стар Град во Источен Ерусалим, но силните тензии во овој регион и понатаму траат.
Локалното муслиманско население во комплексот Ал Акса не можеше да влезе од петокот до понеделникот, а израелските сили во неделата и на влезот во комплексот поставија дополнителни контролни пунктови со детектори за метал. Локалните Палестинци протестираат поради тоа и одбиваат да влезат во комплексот, а молитвите ги извршуваат пред самиот објект.
Кризата во источен Ерусалим ескалираше во петокот наутро, кога израелските полицајци убија тројца Палестинци пред и во комплексот Ал Акса, а сето тоа резултираше со масовно стампедо во коешто беа повредени неколку лица, меѓу кои и двајца израелски полицајци кои починаа на пат кон болницата. Израелската полиција потоа нареди да се затвори комплексот Ал Акса, а Палестинците за првпат по окупацијата од 1967 година, петочната молитва ја извршија надвор од ѕидините на Стариот Град.