Ayşe Doğru
07 Септември 2019•Ажурирај: 08 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Во Колумбија се одржа Самит по повод пожарите кои ги зафатија амазонските шуми, на кој беше потпишан договор за нивна заштита, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), додека во колумбискиот град Летиција на еднодневниот Самит директно учество зедоа претседателите на Боливија, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу и Суринам, претседателот на Бразил кој се подготвува за операција, на Самитот учествуваше со видеолинк.
Земјите учеснички на Самитот, во рамките на превентивните мерки за заштита на речниот слив на Амазон, се договорија за формирање на мрежа за реакција при катастрофи и сателитско надгледување.
Освен тоа, лидерите на земјите учеснички се договорија дека е потребно да се зголеми пошумувањето на амазонската шума и да се зголеми улогата на амазонските домородци во заштитата на шумите.
Претседателот на Колумбија, Иван Дуке, истакна дека Самитот ќе стане механизам за координација на земјите кои го делат богатството на Амазонија.
- Во Бразил за една година бројот на пожари е зголемен за 83%
Бразилскиот национален Институт за вселенски истражувања (INPE) соопшти дека во Бразил, каде што се наоѓаат најголемите дождовни шуми во светот, за една година избувнале 72.000 шумски пожари.
Според податоците на Институтот, шумските пожари во Бразил се наоѓаат на највисоко ниво во последните шест години. Во однос на минатата година, забележан е раст од 83%. Покрај тоа, во текот на една недела избувнале околу 10.000 шумски пожари кои негативно се одразиле врз заштитените зони и домородците.
- Болсонаро ги обвини невладините организации за животна средина
Претседателот Болсонаро имаше изјавено дека зад шумските пожари во земјата можно е да стојат невладините организации за животна средина.
Болсонаро, во врска со пожарите во Амазонија изјави: „Можно е невладините организации за животна средина да се вмешани во криминална активност, со цел да се сврти вниманието кон мене и кон Владата на Бразил. Не тврдам, но можно е, тоа е една веројатност.“
- Влијанието на Болсонаро врз уништувањето на шумите
Невладините организации истакнуваат дека во зголеменото уништување на амазонските шуми голема улога игра Владата на Болсонаро, која ги занемарува превентивните мерки, како што се паричните казни за незаконското земјоделство и рударство во заштитените подрачја.
Болсонаро, пред претседателсктие избори изјави дека заштитата на Амазонија претставува пречка за развојот на државната економија, давајќи збор дека тоа подрачје ќе го отвори за комерцијална употреба.
Болсонаро кој беше лут на извештаите на Институтот за вселенски истражувања, тврдеше дека тие извештаи го дискредитираат угледот на земјата и дека споменатиот Институт не е на Бразил, туку дека тој работи за потребите на некои невладини организации.
Кусо по ова, Рикардо Галвао, претседателот на Институтот, поднесе оставка од должноста, а како причина за оставката имаше наведено „неодржлива состојба“.