Bedrudin Brljavac
07 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Денес на состанокот со партнерите од Западен Балкан посветено е посебно внимание на темата Ковид-19, која е многу важна за членките на Европската Унија (ЕУ), но и за нашите партнери во регионот на Западен Балкан, рече претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, по Самитот на ЕУ и Западен Балкан кој се одржа денес преку видеоконференција на иницијатива на Хрватска, како земја претседавач со Советот на Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (AA).
„По тоа прашање донесовме многу важни одлуки кои ја искажуваат нашата солидарност со тој регион. Обезбедивме помош во износ од 3,3 милијарди евра, краткорочно и среднорочно, со цел да помогнеме во спроведувањето на стратегиите во регионот. Оваа криза е криза на светско ниво и поради тоа бара решение на светско ниво“, рече Мишел во обраќањето на прес-конференцијата.
Истакна дека уште еднаш, на највисоко политичко ниво е потвдена европската перспектива за партнерите од Западен Балкан
„Испратен е важен сигнал и порака којашто ја потврдивме затоа што е важно да се истакне дека тоа е нашето цврсто гледиште. Исто така, треба да се продолжи со работа на спроведување на реформите на полесто на владеењето на правото, демократските вредности и борбата против корупцијата. Овие теми се важни бидејќи се од корист за граѓаните, но и за зајакнување на партнерството помеѓу овој регион и ЕУ. Ја користам оваа пригода да ја поздравам и претходно донесената одлука за отворање преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија“, додаде Мишел, истакнувајќи дека продолжувањето со споведување на реформите и понатаму мора да бидат во фокусот на активностите на земјите од регионот на Западен Балкан.
„Исто така, усвоена е Загрепската декларација, посебно во делот поврзан со делувањето на меѓународно ниво и на европската перспектива на регионот“, рече Мишел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека во текот на Самитот се разговарало и за начините за унапредување на соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан, напоменувајќи дека тоа е доказ за важноста на регионот за европскиот блок.
„Западен Балкан припаѓа на ЕУ и нема сомнеж во врска со тоа, затоа ЕУ има посебна одговорност по прашањето на пружање помош на партнерите во овој регион, особено кога станува збор за борбата против коронавирусот каде што покажавме солидарност. ЕУ мобилизираше финансиски пакет за овие земји во вредност од 3,3 милијарди евра. Ова е замислено со цел да му се помогне на Западен Балкан. Сето ова покажува дека Западен Балкан е наш привилегиран партнер и со тоа ја потврдивме нивната европска перспектива“, рече Фон дер Лејен.
Таа истакна дека регионалната соработка е клучна за опоравување на регионот, додавајќи дека владите на земјите од Западен Балкан треба да продолжат со спроведување на потребните реформи, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на јавната администрација.
„Тука сакаме добри резултати. Потребни се конкретни реформи за напредок на земјите во пристапните преговори. Посебно ми е драго што за време на претседавањето на Хрватска одлучивме да дадеме зелено светло за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Политиката за проширување на ЕУ е секако една од најуспешните европски политики што го прошири мирот, просперитетот и безбедноста на целиот континент и сигурна сум дека тоа и понатаму ќе биде од корист за Западен Балкан и ЕУ “, рече Фон дер Лејен.
Инаку, попладневниот самит на земјите од ЕУ и Западен Балкан се одржа во формат на 27 земји членки и шест соседни земји, меѓународни финансиски институции и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.