Sinan Doğan
17 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
БОГОТА (АА) - Бројот на исчезнати лица во Мексико од 1964 година досега надмина 100.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на Националниот регистар на исчезнати лица, што го објавија медиумите во земјата се наведува дека во Мексико над 100.000 луѓе се водат за исчезнати од различни причини во последните 58 години.
Исто така, во извештајот се наведува дека владата не вложила доволно напори за пронаоѓање на исчезнатите.
„Бараме од мексиканската држава сеопфатно и енергично да се бори за пронаоѓање на исчезнатите лица поради страшното насилство и безбедносната криза што ја доживуваме во земјата“, се истакнува во извештајот.
Меѓу другото се забележува дека владата е одговорна за исчезнувањата, како и за насилствата што ги предизвикуваат бандите.
„Многу е болно и алармантно што се повеќе семејства трпат слични болки. Откриени се повеќе од 4.000 скриени гробници. Неопходно е да се промовираат закони и јавна политика за пронаоѓање на исчезнати лица“, се вели во извештајот.
Во извештајот, во кој се наведува дека надлежните треба веднаш да им одговорат на барањата од семејствата на исчезнатите лица, се додава дека треба внимателно да се испитаат и извештаите на различни невладини организации за исчезнатите лица.
Според извештаите на комисијата за пребарување во Мексико, нема информации за 94.500 лица кои се пријавени за исчезнати.