Berk Kutay Gökmen
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Повеќе од 65.000 лица ги напуштија своите домови во американската држава Вашингтон, каде што повеќе шумски пожари продолжуваат да пустошат, уништувајќи стотици објекти, јавува Анадолу.
„Дури 65.000 луѓе мораа да бидат евакуирани“, соопшти вчера американскиот Црвен крст, додавајќи дека според првичните процени, огнената стихија уништила повеќе од 700 домови, главно во округот Спокен.
Шерифот на округот Спокен, Џон Новелс, на прес-конференција изјави дека властите привеле маж под обвинение за подметнување пожар од прв степен.
Според Новелс, 37-годишниот осомничен, Арон Ф. Фариначи, бил приведен вчера попладне по локално време и се наоѓа во притвор со кауција од еден милион долари.
Тој, според властите, е поврзан со пожарот „Олд трејлс“, еден од неколкуте активни пожари што моментално ја загрозуваат областа.
Тимот за управување со пожарите „Спокен комплекс“ соопшти дека поповолните временски услови им овозможуваат на пожарникарските екипи да напредуваат во воспоставувањето противпожарни линии.
Според податоците од меѓуагенцискиот систем „InciWeb“, пожарите во близина на окрузите Спокен и Стивенс од саботата досега зафатиле 8.026 акри (3.248 хектари), но сѐ уште не се ставени под контрола.
Во другите делови на државата состојбата е уште посериозна. Пожарот „Синлахекин“, предизвикан од удар на гром на 26 јули, се проширил на 85.000 акри (34.398 хектари). Повеќе од 820 пожарникари се ангажирани во неговото гаснење, но и тој сѐ уште не е ставен под контрола.
Во меѓувреме, пожарот „Литл џајант“, северозападно од Ливенворт, зафатил 51.298 акри (20.759 хектари) во Националната шума Оканоган-Веначи.
Гувернерот на Вашингтон, Боб Фергусон, изјави дека властите успеале да стапат во контакт со речиси сите лица кои побарале помош, но дека сѐ уште се обидуваат да воспостават контакт со 14 лица за да ја потврдат нивната безбедност.
Фергусон нагласи дека овие 14 лица не се водат како исчезнати, туку властите сакаат да се уверат дека се безбедни, пренесе „Си-ен-ен“.
Тој додаде дека засега нема потврдени смртни случаи.