Ayhan Şimşek
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
БЕРЛИН (АА) - Видео на кое се гледа како млад сириски бегалец е нападнат врз расна основа во трамвај во источниот германски град Ерфурт, предизвика бес на јавноста на социјалните мрежи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
17-годишно момче беше вербално нападнато од маж, кој подоцна повеќепати го удри момчето со нога по главата, извикувајќи расни навреди, плукајќи му в лице и викајќи му да ја напушти земјата.
За време на нападот никој не интервенираше, но нападот е снимен од патник и објавен на социјалните мрежи.
Властите го идентификуваа осомничениот како 40-годишен германски државјанин и рекоа дека тој ѝ бил познат на полицијата по неговата насилна криминална историја.
Полицискиот оддел во Ерфурт денес потврди дека осомничениот е приведен, но не даде детали за тековната истрага.
Ова е најновиот инцидент во низата ксенофобични напади во земјата насочени кон бегалците и имигрантите.
Во Германија во последните години во пораст е ксенофобијата и омразата кон мигрантите, поттикната од пропагандата на неонацистичките групи и крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).