Ömer Tuğrul Çam
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, соопшти дека НАТО работи на поуките што треба да се извлечат од повлекувањето од Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одговараше на новинарски прашања пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО, кој започна во седиштето на НАТО во Брисел.
Турција на состанокот ќе го претставува министерот за национална одбрана, Хулуси Акар.
Одговарајќи на прашањето која е најважната поука што треба да се извлече од Авганистан, Столтенберг одговори дека продолжуваат студиите за тоа кои поуки треба да се извлечат во оваа фаза и дека сѐ уште е рано да се изнесуваат заклучоци.
Столтенберг потсети дека летово одлучиле да се повлечат како резултат на долги консултации, и додаде:
„Во процесот на извлекување поуки треба да се фокусираме на тоа каде работите функционираа, а каде не функционираа. Враќањето на талибанците е трагедија за авганистанскиот народ, кого со сето срце го поддржувавме со години. Во исто време, не треба да го заборавиме следното: имаме огромни придобивки во Авганистан. Нашите напори таму не беа залудни. Спречивме Авганистан да стане жариште за меѓународен тероризам. Исто така, 20 години спречувавме напади од Авганистан против сојузниците од НАТО. Сега ќе бидеме будни и ќе ги заштитиме овие придобивки.“
- Дијалогот со Русија е потежок
Столтенберг одговори и на прашањето како ќе се одржи дијалогот по одлуката на Русија да затвори две канцеларии на НАТО во Москва и да ги прекине активностите на руската мисија во седиштето на НАТО.
„Сѐ уште имаме начини и канали за комуникација со Русија“, нагласи Столтенберг.
Столтенберг, исто така, истакна дека дијалогот станал потежок поради одлуката за затворање на канцелариите во Москва до која дојде по одлуката на НАТО да ја откаже акредитацијата на осум руски службеници на руската мисија во Брисел.
Посочувајќи дека односите НАТО - Русија се на најниско и најтешко ниво од времето на Студената војна, Столтенберг нагласи дека разговорите и дијалогот се важни во вакви времиња.