Ömer Tuğrul Çam
31 Март 2023•Ажурирај: 02 Април 2023
БРИСЕЛ (AA) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му честита на претседателот на Финска, Саули Нинисто, за завршувањето на процесот на одобрувањето на членство на неговата земја во НАТО, јавува Анадолу.
Столтенберг во порака на социјалните мрежи упати честитки до претседателот Нинисто.
„Се радувам на подигнувањето на знамето на Финска во седиштето на НАТО во наредните денови“, рече Столтенберг, додавајќи дека заедно ќе бидат посилни и побезбедни.
Столтенберг во видеопораката изјави дека официјалното пристапување на Финска во НАТО ќе се одржи во текот на наредните денови.
Тој истакна дека Финска има напредни способности, како и силни и стабилни демократски институции.
„Финска ќе даде голем придонес на нашиот сојуз. Сите сојузници во текот на минатата година донесоа историска одлука, повикувајќи ги Финска и Шведска да се придружат на Алијансата. Оттогаш го видовме најбрзиот процес на ратификација во модерната историја на НАТО. Сите сојузници се согласуваат дека во интерес на сите е брзо да се заврши процесот на ратификација на Шведска. Со нетрпение очекувам што поскоро да ѝ посакам добредојде на Шведска како полноправна членка во семејството на НАТО“, рече Столтенберг.
Процесот на ратификација во 30-те земји членки на НАТО беше завршен вчера со одобрението на Големото национално собрание на Туркије за пристапување на Финска, која поднесе барање за членство во НАТО во мај 2022 година.
Се очекува во наредните денови Финска и официјално да стане 31-ва членка на НАТО.