Mohamed Majed
14 Јули 2024•Ажурирај: 15 Јули 2024
ГАЗА (АА) – Најмалку 10 Палестинци се убиени, а 27 се повредени во утринските израелски напади на населени места во блокираниот Појас Газа, известува Анадолу.
„Под урнатините ги извлековме телата на седум мртви Палестинци и седуммина ранети од куќата која беше цел на израелскиот напад во подрачјето на Шеик Радван, северно од градот Газа. Најдовме и тела на уште тројца убиени Палестинци и транспортиравме 20 ранети по бомбардирањето на подрачје во градот Газа“, соопшти Цивилната заштита на Газа.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која се бара итен прекин на огнот, Израел врши жестоки напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година. Досега во израелските напади се убиени повеќе од 38.400 Палестинци, а над 88.500 се ранети.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.