Riyaz Khaliq Khaliq,Sm Najmus Sakib
21 Јули 2025•Ажурирај: 22 Јули 2025
ДАКА (АА) – Тренажен авион на Военото воздухопловство на Бангладеш денес падна врз зграда на училиштето„Мајлстоун Скул енд Колеџ“ во главниот град Дака, при што загинаа најмалку 19 лица, соопштија од Противпожарната служба, јавува Анадолу.
Според официјалните информации, повеќе од 100 лица, главно, студенти и вработени на кампусот, се здобиле со изгореници и се хоспитализирани.
Меѓу повредените е и пилотот, кој бил единствен член на екипажот во авионот.
Привремената влада прогласи ден на жалост во вторник.
Несреќата се случила кога авионот удрил во зградата на училиштето „Мајлстоун Скул енд Колеџ“ кој се наоѓа во населбата Утара во Дака. На снимките од местото се гледаат густи облаци од чад и силен оган што излегуваат од урнатините.
Специјалниот помошник на шефот на Привремената влада, Саједур Рахман, потврди дека „од 100 до 150 лица“, од кои околу 70 студенти, се здобиле со изгореници и пренесени се во болниците во Дака.
Соопштено е дека авионот полетал во 13:06 часот по локално време (07:06 по Гринич).
Ова не е првпат да се случи ваква несреќа – во јули 2018 година двајца пилоти на Военото воздухопловство на Бангладеш загинаа при пад на тренажен авион во југозападниот округ Џесоре.