?????
22 Јануари 2016•Ажурирај: 22 Јануари 2016
АТИНА (АА) - Најмалку 21 лице загина во два одделни инциденти кои се случија синоќа во близина на грчките острови за време на криумчарење на мигранти во чамци. Десетици лица го преживеале потонувањето на брод, додека спасувачката акција за останатите патници е во тек, јавува Anadolu Agency (АА).
Во првиот инцидент, дрвен брод со 48 лица потона во раните утрински часови во близина на мал остров во Егејското Море. До брегот успеале да дојдат 40 патници, додека членовите на грчката крајбрежна стража спасиле од давење млада девојка, а седум лица се удавиле.
Неколку часа подоцна, во друг инцидент, потонал дрвен едреник кој носел непознат број на луѓе. Крајбрежната стража спаси 26 луѓе, а беа извадени 14 безживотни тела.
Грчката крајбрежна стража сè уште трага по преостанатите, а во операцијата за спасување се вклучени бродови и хеликоптери.
Точниот број на патници што ги пренесувал едреникот сè уште не е утврден, а се претпоставува дека биле од 40 до 70 лица. Поради тоа, се стравува дека бројот на жртвите може да биде повисок.
Грција, минатата година стана главен излез за луѓето кои бегаат од војната и сиромаштијата во Африка, Азија и од Блискиот Исток. Mигрантите се обидуваат преку грчките острови да дојдат до Европската унија.
Се проценува дека во 2015 година преку морски пат од Турција во Грција пристигнале повеќе од 800.000 бегалци.
Многу од нив ги загубија своите животи превезувајќи се во несоодветни чамци.