Şenhan Bolelli
30 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
МАДРИД (АА) - Најмалку 62 лица загинаа во катастрофалните поплави во источниот шпански регион Валенсија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Шпанија, пренесува Анадолу.
Разорните поплави ги предизвика бурата, една од најсилните од 1980 година.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги повика луѓето да бидат внимателни, нагласувајќи дека временските услови „сè уште предизвикуваат хаос“.
Санчез повика на единство и солидарност, предупредувајќи ги жителите на погодените региони, вклучително Валенсија, Андалузија и Екстремадура, да избегнуваат патувања и да ги следат советите на властите.
Премиерот Санчез вети целосна поддршка, уверувајќи дека ќе бидат достапни сите државни ресурси, а доколку е потребно и помош од Европската Унија.
Владата на Германија беше меѓу првите што му понуди поддршка на Мадрид, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази сочувство, активирајќи ја сателитската поддршка и мобилизирајќи ги ресурсите за цивилна заштита на ЕУ во случај на потреба.
„Она што го гледаме во Шпанија е поразително. Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и спасувачките тимови“, рече Фон дер Лејен на платформата Х.
Шпанскиот крал Фелипе, осврнувајќи се на поплавите, изрази загриженост од масовното уништување и предизвиците што претстојат.
Невремето започна во вторникот, кога за неколку часа паднаа количества врнежи што во просек паѓаат на годишно ниво и тоа предизвика излевање на реките од коритата.
На улиците се забележуваат превртени возила, а полицијата и спасувачките служби користеа хеликоптери за евакуација на граѓаните.
Повеќе од 1.000 војници од шпанските единици за одговор при итни случаи се распоредени во погодените области.
Шпанската Влада формираше кризен штаб за да помогне во координирањето на спасувачките активности.
Владата на Валенсија отвори специјална телефонска линија за пријавување исчезнати лица.
Се очекува невремето да трае до четврток, соопшти шпанската национална служба за метеорологија.
И претходно во Шпанија имало слични бури што ја зафаќале земјата во есенскиот период. Земјата сè уште заздравува од големата суша на почетокот на оваа година. Научниците сметаат дека зголемените епизоди на екстремни временски услови веројатно се поврзани со климатските промени.