Tufan Aktaş
02 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ИСТАНБУЛ
Најмалку 81 лице загинаа во нередите и насилствата во Етиопија до кои дојде откако пред неколу дена во Адис Абеба во оружен напад е убиен славниот пејач и активист Хатчалу Хундеса, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми, повикувајќи се на изјавата на Бедаса Мердаса, комесар на регионот Оромо, наведуваат дека само на тоа подрачје во изминатите два дена загинале 81 лице.
Меѓу загинатите се и тројца полицајци. Во текот на немирите приведени се и голем број лица, меѓу кои се и опозициските лидери Ескиндер Нега и Џават Мухамед.
Извршени се и три бомбашки напади. На теренот околу Адис Абеба и околните места се наоѓа војска која се обидува да воспостави ред и мир. Погребот на убиениот Хундеса ќе биде утре. Во градот Харар блокиран е пристапот до интернет.
Хатчалу, познат пејач, текстописец и активист од етничката заедница Оромо е убиен во југоисточниот кварт Гелан Кондоминиум, а напаѓачите избегале од местото на убиството.
Хатчалу е припадник на етничката заедница Оромо која е мнозинство во Етиопија, а беше и еден од предводниците на успешните антивладини тригодишни протести на кои се бореше против дискриминацијата што неговата заедница ја преживуваше до 2018 година, по кои на функцијата премиер на Етиопија дојде Абиј Ахмед кој потекнува од истата заедница.
Премиерот Ахмед упати порака на сочувство по повод смртта на уметникот, изјавувајќи: „Етиопија загуби сакана душа.“
Полицијата започна истрага за убиството и приведе неколку осомничени.
Припадниците на заедницата Оромо организираа масовни протести во Адис Абеба и во други градови, барајќи извршителите на убиството да бидат фатени и да бидат изведени пред суд.