Ahmed Asmar
16 Јули 2024•Ажурирај: 16 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку десет Палестинци се убиени во текот на ноќта во израелските напади низ Појасот Газа, јавува Анадолу.
Израелските напади врз блокираната енклава траат веќе 284 дена, објави новинската агенција ВАФА.
Медицинските тимови во источната област на Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, извлекоа четири тела и уште три повредени лица од урнатините на куќа бомбардирана од израелската армија.
Во болницата во Рафа донесени се четири тела.
Еден Палестинец загина, а неколкумина се ранети во воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Уште еден Палестинец загина, а двајца се повредени во градот Газа кога израелската армија бомбардираше куќа на улицата Ал-Нафак.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 38.700 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 89.000 се повредени.
Повеќе од девет месеци од почетокот на израелскиот напад големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива на 6 мај.