Aness Suheil Barghoti
07 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го анектира окупираниот Западен Брег доколку победи на општите избори закажани за 9 април, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе се осигураме дека ние сме одговорни на теренот. Ќе наметнеме суверенитет над населените места во Јудеја и Самарија [Западен Брег]“, рече тој во интервјуто за израелската телевизија доцна синоќа.
Нетанјаху, лидер на десничарската партија Ликуд, истакна дека неговата следна влада нема да прави разлика меѓу големите израелски населени места и малите места низ Западниот Брег.
„Ниту една населба нема да биде евакуирана, а подрачјето на Јорданската Долина ќе остане во наши раце“, истакна тој.
Израелскиот премиер нагласи дека создавањето палестинска држава ќе го загрози постоењето на Израел.
„Ние во целото подрачје владееме од една безбедносна гледна точка“, рече тој. „Нема да предадам ниту една населба да биде под палестински суверенитет и нема да го поделам Ерусалим.“
Околу 650.000 еврејски доселеници моментално живеат во над 100 населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс), окупирани од Израел.
Меѓународното право гледа на Западен Брег и Источен Ерусалим како на окупирани територии и ги смета сите активности на изградба на еврејските населби таму за нелегални.