Said Amori,Mehmet Nuri Uçar
29 Март 2024•Ажурирај: 31 Март 2024
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелската телевизија Канал 12 објави дека шефот на Мосад, Давид Барнеа, предложил можност за договор за размена на затвореници со Хамас, но премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрлил, пренесува Анадолу.
Телевизискиот Канал 12, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека Барнеа рекол дека верува во можноста за постигнување договор, но напоменал дека Нетанјаху се противел на изнесените детали.
Во деталите од договорот за кој Барнеа верува дека би можело да биде потпишан се вклучени ослободување на 40 израелски заробеници и враќање на населението во северниот дел на Газа во нивните домови без други услови, објави Канал 12.
Се наведува дека израелскиот премиер сметал дека договорот е „слаб“ за Израел и дал инструкции да се спроведат подготовки за окупација на Рафа, град сместен во јужниот дел на Појасот Газа.
Според истиот извор, членови на израелскиот Воен кабинет, Бени Ганц и Гади Ајзенкот, го поддржале ставот на Барнеа, но тоа не го спречило Нетанјаху да се спротивстави и да го отфрли договорот.
Израелската делегација предводена од директорот на Мосад, Давид Барнеа, отпатува на 18 март во Доха, главниот град на Катар, на нова рунда преговори за ослободување на заробениците во Газа.
По пристигнувањето на израелската делегација предводена од директорот на Мосад во Доха, израелските медиуми објавија дека официјално започнале преговорите за размена на заробеници меѓу Хамас и Тел Авив.
Канал 12 објави дека преговорите би можеле да траат околу две недели.