Said Amori
10 Ноември 2023•Ажурирај: 10 Ноември 2023
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Прекинот на огнот во Појасот Газа зависи од ослободувањето на заложниците што ги држи Хамас, изјави вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, известува Анадолу.
„Израел обезбедува сигурносни коридори за цивилите, кои се протегаат од северот до југот на Појасот Газа, а низ кои само вчера минаа 50.000 граѓани на Газа“, се додава во соопштението на Канцеларијата на Нетанјаху.
Нетанјаху ги повика жителите на Појасот Газа да тргнат кон југ, повторувајќи го она што го рече пред неколку недели, иако продолжуваат израелските напади на југот на Газа.
Вчера израелската војска објави дека „не постои прекин на огнот во Газа, туку ограничени тактички и локални паузи“.
И покрај меѓународните повици и апели за хуманитарен прекин на огнот, Владата на Израел продолжува да се противи на договорот, иако Белата куќа во четвртокот соопшти дека Израел се согласил на четиричасовни дневни хуманитарни паузи во северниот дел на Газа.
Израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници во Појасот Газа, кој е под немилосрдни израелски напади по неочекуваната офанзива на Хамас на 7 октомври.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, во досегашните израелски напади убиени се повеќе од 10.812 цивили, од кои 4.412 деца, 2.918 жени и 676 стари лица, а повредени се над 26.000 лица.