Esat Fırat
28 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
ЕРУСАЛИМ
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека израелската војска е подготвена на сите можни сценарија кои се однесуваат на најновите тензии со силите на Хезболах на границата со Либан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на состанокот за прашањето на безбедоста одржан во седиштето на израелската војска, Нетанјаху порача дека вчерашните артилериски напади на израелската војска во местото Кфарчуба во југоисточниот дел на Либан имаат големо значење.
„Го спречивме обидот за влез на нашата територија. Сето она што сега се случува следуваше по обидот на иранските и либанските сили (Хезболах) да го прошири своето воено присуство на нашата територија“, изјави израелскиот премиер.
Тој исто така истакна дека генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насралах им служи на интересите на Иран од Либан.
„Израелската војска е подготвена на сите можни сценарија. И понатаму ќе ги преземаме сите потребни мерки за да го спречиме Иран да ги распоредува своите сили во нашиот регион. Ќе сториме се да се одбраниме“, изјави Нетанјаху.
- Моментално мирно на израелско-либанската граница
Додека израелската војска останува приправна, по вчерашните случувања, на израелско-либанската граница моментално е мирно.
Либанскиот премиер Хасан Диаб денес изрази загриженост поради можното влошување на ситуацијата на границата со Израел по вчерашните инциденти на границата на двете земји.
Врховниот совет за одбрана на Либан одржа седница откако израелската војска вчера изврши артилериски напади врз местото Кфарчуба во југоисточниот дел на земјата.
- Либанскиот премиер повика на внимателност
Либанскиот премиер за новинарите изјави дека на сите им е јасно дека се зголемени тензиите во пограничното подрачје и дека во овие моменти е потребна внимателност.
„Мораме да бидеме внимателни наредните денови, бидејќи сум загрижен дека ситуацијата би можела дополнително да се влоши“, додаде Диаб.
Израелската војска вчера објави дека по безбедносниот инцидент на границата, погодила некои цели на подрачјето на Кфарчуба во југоисточниот дел на Либан.
Либанската организација Хезболах исто така соопшти дека извршиле напади врз израелските цели во пограничниот регион, но подоцна наведе дека сепак се откажале од акцијата.