Ekipa
28 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Март 2016
ЈАУНДЕ (АА) - Во заедничка воена акција на камерунските и нигериските сили ослободени се стотици заложници кои биле држени од страна на терористичката група Боко Харам, вклучувајќи и девојчиња кои биле обучувани за бомбаши самоубијци, изјави командантот на војската на Камерун, генерал Јакоб Коџи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Акцијата на ослободување се случила во нигерискиот град Кумше, околу 15 километри од границата со Камерун.
Како што рече Коџи, во рацијата убиени се најмалку 100 екстремисти, а загинале и тројца камерунски војници.
„Нашите војници и понатаму се на терен заедно со нигериските војници, и добија упатства да продолжат со рациите врз сите села на границата која ја држи Боко Харам, сè додека не ги поразиме”, додаде генералот.
И покрај тврдењата на властите дека ја поразиле групата, Боко Харам и понатаму контролира одредени заедници на североисточната нигериска држава Борно, од каде што ги изведува нападите. Боко Харам своите терористички активности ги изведува најмногу во североисточниот дел на земјата. Иако нигериската влада и војска повеќепати најавија жестоки пресметки со милитантите, тие досега не се поразени.
Им се припишуваат стотици вооружени напади, убиства, експлозии и самоубиствени напади, а според податоците на организацијата "Amnesty International", припадниците на Боко Харам изминативе шест години убиле над 20.000 луѓе.