Mahmut Atanur
09 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
ЏАКАРТА (АА) - По земјотресот со интензитет од 7 степени кој го потресе индонезискиот остров Ломбок во неделата, во истото подрачје се случи уште еден земјотрес со интензитет од 6,2 степени според Рихтер, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот за метеорологија, клима и геофизика на Индонезија (BMKG), информираше дека епицентарот на земјотресот бил на 6 километри северозападно од островот Ломбок, на длабочина од 12 километри.
Американскиот геолошки завод (УСГС) информираше дека земјотресот бил со интензитет од 5,9 степени.
Засега не се дадени информации за евентуални жртви или повредени од земјотресот, а не е дадено ниту предупредување за цунами.
Телевизискиот канал „Метро ТВ“ објави видеоснимки со луѓе како трчаат во паника.
Од друга страна, портпаролот на Националната агенција за управување со ризици од природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, информираше дека по земјотресот со интензитет од 7 степени според Рихтер, кој го потресе подрачјето на островот Ломбок, и евакуацијата на повеќе од 156.000 лица, до илјадници лица сѐ уште не е доставена хуманитарна помош во храна и вода.
Портпаролот Нугрохо истакна дека сите единици продолжуваат со интензивни напори за доставување помош до погодените од земјотресот и додаде дека локалните претставници ги засилиле активностите за испорака на помош до оддалечените подрачја погодени од земјотресот.
Тој соопшти дека постои проблем со згрижувањето на илјадници лица кои ги напуштиле своите урнати домови или биле евакуирани од подрачјето.
- Конфузија околу бројот на загинати
Портпаролот Нугрохо рече дека различни единици во регионот даваат различни информации за бројот на загинати, со што доаѓа до конфузија во јавноста и медиумите. Тој истакна дека постојат информации од теренот и дека тоа може да биде дел од вистината.
Нугрохо соопшти дека според последните информации на BMKG, бројот на загинати во земјотресот изнесува 164 лица и додаде:
„Синоќа Агенцијата за намалување на штети од катастрофи (BPBD) информираше дека во земјотресот животот го загубиле 347 лица, Вооружените сили соопштија дека бројката на загинати изнесува 381, а Гувернерството на Западен Мали Сунди дека загинале 226 лица. Иако некои бројки можеби се регионални или локални, не можеме да кажеме дека бројот на загинати е погрешен. Секоја единица ги користи своите бројки и може да се увиди дека постои потреба од поголема координација во заедничките активности. Но во моментов предност треба да им се даде на доставувањето хуманитарна помош до загрозените подрачја и заедничката работа на единиците во одредувањето на бројката на загинати“.
Покрај тоа, Нугрохо упати апел до единиците за точна евиденција на загинатите според личните податоци и полот.
Нугрохо вчера информираше дека во земјотресот се повредени околу 1.500 лица, а од подрачјето се евакуирани повеќе од 156.000 лица во побезбедни места.