Tayfun Salcı
09 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот Парламент ја усвои измената на законот, чија цел е да се спречи Владата на таа земја да ја напушти Европската унија без договор, јавува Anadolu Agency (АА).
Измената на законот која ја предложи опозициската партија за да се спречи Брегзит без договор е прифатена со 303 гласа за и 296 против.
Според оваа измена на законот, британската Влада, буџетските средства кои би ги издвоила во рамките на подготовките за можно сценарио на Брегзит без договор, нема да може да ги користи без одобрение на Парламентот.
Владата на британската премиерка Тереза Меј со ова доживеа пораз во Парламентот, бидејќи претставниците што се противат на излез од ЕУ без договор на овој начин поставија нова препрека за тој облик на напуштање на Унијата.
„Ова гласање е важен чекор за да се спречи излез без договор. Ова покажува дека нема малцинство во Парламентот, во Кабинетот или во земјата, за излез од Унијата без договор“, изјави челникот на опозицијата, Џереми Корбин.
Измената на законот е усвоена само неколку дена пред клучното гласање за тоа дали ќе биде прифатен договорот за Брегзит, кој Меј го преговараше со ЕУ.
На помалку од три месеци пред излез на Велика Британија од ЕУ, премиерката Меј со сите сили се обидува да придобие поддршка за својот договор со Брисел.