Nur Asena Ertürk
23 Март 2023•Ажурирај: 23 Март 2023
ПАРИЗ (АА) - Синдикатите во Франција се подготвуваат за денешните нови протести против пензиските реформи, јавува Анадолу.
Ова ќе биде деветти пат од јануари да се одржува планираниот протест, а во штрајкот ќе учествуваат илјадници работници од различни сектори, меѓу кои транспортот, енергетиката и образованието.
Протестот во Париз ќе започне попладне, а најавени се протести и во други градови.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Џералд Дарманин, изјави дека за време на протестите ќе бидат распоредени 12.000 полицајци, од кои 5.000 во Париз.
„Фигаро“ објави дека националната железничка компанија SNCF и париската регионална транспортна компанија RATP најавиле дека нивните услуги ќе бидат значително намалени.
Францускиот генерален директорат за цивилно воздухопловство (DGAC) ги повика авиокомпаниите поради штрајкот да откажат 30 отсто од летовите на аеродромот „Париз-Орли“ и 20 отсто од летовите на аеродромите „Марсеј-Прованс“, „Тулуз“ и „Лион“.
Франција се соочува со постојани демонстрации од 16 март, кога претседателот Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн решија да ги искористат уставните овластувања за да го усвојат законот за пензиски реформи без одобрение од Парламентот.
За време на тие протести имаше насилство и вандализам, а во текот на викендот и претходните денови беа приведени стотици луѓе.
Со реформите се предвидува зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за да се оствари право на целосна пензија. Планот предизвика гнев во јавноста откако беше објавен минатата година, со масовни протести и штрајкови низ целата земја од јануари.