Amina Zorniç
08 Август 2016•Ажурирај: 09 Август 2016
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Претседателството на БиХ и претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, со положување свежо цвеќе на гробиштата Ковачи ја одбележа 91. годишнина од раѓањето на првиот претседател на Република Босна и Херцеговина и врховен командант на армијата на БиХ, Алија Изетбеговиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Покрај Изетбеговиќ, гробот на првиот претседател на Претседателството на БиХ на гробиштата Ковачи го посетија и претставници од власта, голем број други членови и симпатизери на СДА, како и граѓани.
Изетбеговиќ, потсетувајќи се на денешниот јубилеј, рече дека е неопходно да се задржи споменот на човек каков што беше првиот претседател на Претседателството на БиХ, кој е нераскинлив симбол на една ера што ја помина БиХ .
„Мислам дека е неопходно да се задржи споменот на Алија Изетбеговиќ заради нас, бидејќи тој го симболизира времето кога ја вративме државноста, кога повторно ја креиравме армијата на БиХ, кога Бошњаците го вратија своето име, кога го вратија името на својот јазик, значи - кога беше направен огромен историски чекор напред. Се разбира, циниците ќе речат дека сегашната ситуација не се разликува многу од онаа пред 25 години, меѓутоа, да не беше Алија и армијата на БиХ, можеше и тоа како да биде различна, можевте да имате бошњачки корпус поделен на две армии - еден под шаховница, вториот под ЈНА, и тие да се борат меѓу себе онаму каде што ќе се повлече линија на поделба на Босна и Херцеговина. Затоа, секако, многу се разликува и направен е голем напредок, многу работи се извојувани и наше е да го завршиме тоа во наредните години“, рече Изетбеговиќ.
Според него, ниту еден од денешните бошњачки лидери не треба да се споредува со починатиот Изетбеговиќ.
„Мислам дека никој од нас не треба да се споредува со мојот покоен татко, ниту јас, ниту кој било од бошњачките лидери, па ќе ги избегнам овие споредби. Денес времињата се многу полесни и денес е многу полесно да се носи товарот, иако и денес има проблеми. Тоа сè уште се сталожува, имаме кризи, но линијата е нагорна, процесот на помирување и на реформи напредува. БиХ оди по својот пат кон ЕУ и членство во НАТО. Бидејќи беше реален и прагматичен човек, мислам дека Алија би бил задоволен со моменталната ситуација во оваа земја, со оглед на околностите со кои ќе справуваме“, заклучи Изетбеговиќ.
На денешен ден, пред 91 година е роден Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на меѓународно признатата држава Босна и Херцеговина и врховен командант на босанската армија во најтешкиот период на нејзината историја. Изетбеговиќ е творец на модерната Босна и Херцеговина.
Тој е роден во 1925 година, во Босански Шамац. Тој пораснал и се школувал во Сараево, каде што дипломирал на Правниот факултет. Како правен советник, тој работел во повеќе сараевски компании. Поради својата политичка определба и делувања, двапати бил затворан и осудуван. Во познатиот, политички монтиран „Сараевски процес", како првообвинет во група од тринаесет муслимански интелектуалци, беше осуден на 14 години затвор.
Го започна формирањето на Партијата за демократска акција (СДА) и на основачкото собрание на СДА, на 25 мај 1990 година стана нејзин прв претседател. По победата на СДА, на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, Изетбеговиќ беше избран за прв претседател на Република Босна и Херцеговина.
По првите повоени повеќепартиски избори во 1996 година, тој беше избран за член, а потоа и за претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина. По мандатот од десет години како член на Претседателството на БиХ, поради здравствени причини, во 2000 година тој поднесе оставка од позицијата член на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Ќе биде запаметена изјавата на Ричард Холбрук, креаторот на Дејтонскиот договор: „Да не беше Алија Изетбеговиќ, денес не ќе постоеше Босна и Херцеговина“.
Алија Изетбеговиќ почина на 19 октомври 2003 година и погребан е на гробиштата Ковачи во Сараево.