Uğur Çil
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
АНКАРА (АА) - Истражувањето на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и невладините организации покажуваат дека повеќе од 140 милиони деца, поради војните или природните катастрофи ги губат своите семејства или го изгубиле едниот или двајцата родители, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањата покажуваат дека како последица од војните, конфликтите, сушата и болестите во многу земји, секојдневно 10.000 деца остануваат без едниот или двајцата родители, односно годишно 3,5 милиони деца остануваат без родители.
Се претспоставува дека во Авганистан околу два милиона, во Ирак околу пет милиони, а во Сирија околу еден милион деца ја изгубиле својата мајка, татко или двајцата родители.
Во извештајот објавен од страна на Светската здравствена организација (СЗО) се вели дека секојдневно животот го губат околу 16.000 деца на возраст под пет години.
Статистичките податоци од УНИЦЕФ покажуваат дека во 2015 година починале 5,9 милиони деца помлади од пет години, како последица од војни, болести, недостаток на лекови или храна.

Војните и конфликтите во Ирак и во Сирија, како и во африканските земји, во последниве години предизвикаа да мигрираат голем број семејства од завојуваните области во Европа.
Истражувањето на Европол покажува дека од милионите бегалци кои во 2015 година дојдоа на европско тло, околу 27 проценти се деца. Покрај тоа, исчезнаа повеќе од 10.000 деца кои патувале без придружба на родители или други членови на семејството.
Според податоците на Заводот за статистика на Европската Унија (Евростат), од 2008 година до денес, бројот на децата-бегалци кои во Европа дојдоа без родители или друг законски старател е околу 198.000.
Овие деца се на возраст од 14 до 17 години и потекнуваат претежно од Авганистан, Сомалија, Еритреја, Сирија и од Ирак.
Во Сирија, каде што војната трае неколку години, на околу 9,2 милиони малолетници им е потребна помош.
Канцеларијата за итни случаи во турската Влада обезбедува образование за 82.000 сириски деца сместени во прифатните центри во Турција.
Со поддршка на Министерството за образование на Република Турција, на околу 510.000 деца од предучилишна возраст до возраст од средно училиште им е дадена можност да се здобијат со образование.
Од нив, 245.000 деца настава посетуваат во привремени образовни центри, а 183.000 во државни училишта.