Ikrame Imane Kouachi
06 Септември 2024•Ажурирај: 10 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денес објави дека нејзините тимови вакцинирале над 160.000 деца вчера, првиот ден од втората фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа во јужниот дел на Газа, јавува Анадолу.
„Илјадници семејства отидоа во здравствените установи за да примат вакцини од медицинските тимови на УНРВА“, соопшти агенцијата на ОН преку X.
„Вчера, првиот ден од кампањата за вакцинација против детска парализа во јужните делови на Газа, беа опфатени над 160.000 деца“, се додава.
Агенцијата на ОН соопшти дека ќе продолжи со вакцинирање на „колку што е можно повеќе деца“ во текот на денешниот ден.
И покрај тековните израелски напади врз опколената палестинска енклава, втората фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа во Јужна Газа започна вчера (четврток), по вакцинирањето на над 189.000 деца во централниот регион во првиот круг.
На 25 август палестинското Министерство за здравство го објави пристигнувањето на првата пратка вакцини, вкупно 1,26 милиони дози.
Според официјални извори, кампањата за вакцинација во Централна Газа се спроведе од 1 до 4 септември, во Кан Јунис од 5 до 9 септември, а ќе заврши во градот Газа и северните региони од 9 до 12 септември.
Итноста на кампањата беше поради потврдувањето на првиот случај на детска парализа во Газа по 25 години кај 10-месечно дете минатиот месец.
На 16 август генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на седумдневен хуманитарен прекин на огнот со цел да се овозможи вакцинирање на 640.000 деца - барање што беше поддржано од УНРВА.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади врз Газа убиени се речиси 40.900 Палестинци, главно жени и деца, а над 94.400 се повредени.
Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид за своите акции во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.