Nur Asena Ertürk
06 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Летово 2023 година е досега најтоплото регистрирано лето, јавува Анадолу.
„Ова беше најтопол август забележан досега и втор најтопол месец по јули 2023 година“, соопштија Светската метеоролошка организација на Обединетите нации (СМО) и Службата за климатски промени на Европската Унија, „Коперникус“.
„Северната хемисфера штотуку имаше лето на екстреми“, изјави генералниот секретар на СМО, Петри Талас, потсетувајќи на шумските пожари и топлотните бранови.
„На јужната хемисфера на Антарктикот, обемот на морскиот мраз буквално беше далеку од очекувањата, а глобалната температура на површината на морето, исто така, беше нов рекорд“, додаде тој.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, од своја страна рече: „Нашата планета штотуку издржа сезона на 'вриење' - досега најжешко регистрирано лето“ и предупреди на „климатски колапс“.
„Научниците долго време предупредуваа што ќе предизвика нашата зависност од фосилните горива“, додаде тој и ги повика светските лидери да преземат акција и да најдат решенија.
Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени „Коперникус“, рече дека 2023 година е втора најтопла година забележана досега, според досегашните осуммесечни податоци.
Рекордните нивоа и нивните влијанија и врз луѓето и врз планетата јасно укажуваат на „затоплување на климатскиот систем“, нагласи тој.