Ekipa
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Судирите во Идлиб намалени по договорот за прекин на огнот меѓу Турција и Русија, но областа сè уште не е безбедна, соопштија денес Обединетите нации, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Раселувањето во областите во близина на воените линии е исто така намалено“, изјави Јенс Ларке, портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната помош (UNOCHA).
„Но тоа не го прави Идлиб безбедно место. Ситуацијата во северозападна Сирија останува најалармантна во Сирија во моментот, бидејќи конфликтот влегува во својата десетта година“, изјави Ларке на прес-конференција.
Тој рече дека гранатирањето продолжува да се пријавува од областите по должината на првите редови. „Ризикот од смрт и повреди од експлозиви, како што се неексплодирани уреди, се зголеми во текот на изминатите месеци поради артилериските и воздушните бомбардирања“, рече Ларке.
Според ОН, од месец декември раселени се околу 960.000 луѓе, најголем дел деца и жени.
„Хуманитарните работници пријавуваат инциденти на експлоатација и злоупотреба на раселените жени и девојчиња од мажи на високи позиции, како што се сопственици на имот, во замена за пари или материјална помош“, рече Ларке.
„Исто така, имаме извештаи дека жените не можат да се истушираат неколку недели поради недостаток на приватност и одбиваат да јадат или пијат за да немаат потреба да одат во тоалет. Тие се чувствуваат незаштитени и небезбедни.“
Според проценките на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања, околу 327.000 луѓе во моментот престојуваат во кампови и во индивидуални шатори, додека 165.000 луѓе живеат во недоизградени куќи или објекти.
Покрај тоа, околу 366.000 внатрешно раселени лица живеат со семејства кои ги вдомиле или во изнајмени домови, додека околу 93.000 луѓе престојуваат во колективни засолништа, претежно пренаменети јавни објекти, како училишта и џамии.
„Сепак, сè уште има луѓе што единствено засолниште им се дрвјата“, рече Ларке.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC) во Женева денес повика да се обрне внимание на потребите на сирискиот народ.
„Бидејќи кризата во Сирија влегува во својата десетта година, потребите на луѓето што толку многу издржаа се огромни и сложени“, се вели во соопштението.
„Статистиката е сериозна: повеќе од 11 милиони Сиријци зависат од помошта, десетици илјади луѓе се исчезнати, еден од двајца Сиријци е раселен, а најмалку 2 милиони деца го прекинале образованието или немале шанса дури ни да го започнат.“