Bayram Altuğ
23 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Високата претставничка на Обединетите нации (ОН) за прашањата на разоружувањето, Изуми Накамицу, предупреди дека се зголемил ризикот од употребата на нуклеарното оружје во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Има сè повеќе изјави за потребата и предностите од нуклеарното оружје. Заканите од употребата на нуклеарното оружје се плански смислени. Ова е закана што се однесува на целото човештво. Оваа закана ќе остане и понатаму во сила сè додека меѓу арсеналот на оружје во некои земји е нуклеарното оружје“, рече Накамицу во своето обраќање на отворањето на меѓународната конференција за Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT) што се одржува во Женева.
Потсетувајќи на изјавите на американската администрација дека Договорот за нуклеарната програма со Иран ќе биде поништен, Накамицу апелираше до сите земји кои учествуваат на конференцијата да го спроведат споменатиот договор и да го заштитат.
Главниот координатор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Корнел Ферута, истакна дека Иран ги спроведува своите обврски според нуклеарниот договор.
Претставникот на Европската Унија (ЕУ) за прашањата на разоружувањето, Јацек Билица, изјави дека Договорот придонесува за регионалната и глобална безбедност.
Претставникот на САД, Кристофер Форд, продолжи со обвинувањата кои неговата земја веќе долго време ги изнесува против Техеран.
„Иран веќе со години, тајно и на незаконит начин, продолжува со активностите за развој на нуклеарното оружје“, рече Форд.
Меѓународната конференција за Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT), што се одржува во седиштето на ОН во Женева, ќе трае до 4 мај.
Иран и шест светски сили - САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, на 14 јули 2015 година постигнаа договор со кој се ограничува иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон таа земја.