Islam Uddin
05 Април 2023•Ажурирај: 06 Април 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Обединетите нации (ОН) остро ја осудија најновата забрана за работа на жените во источен Авганистан и ги предупредија талибанците дека ОН не можат да работат без нивниот женски персонал, пренесува Анадолу.
Мисијата за помош на Обединетите нации во Авганистан (УНАМА) синоќа соопшти дека нивниот женски персонал не може да се пријави на работа во покраината Нангархар.
„Ги потсетуваме де факто властите дека ентитетите на Обединетите нации не можат да работат и да даваат спасувачка помош без женски персонал“, објави УНАМА на Твитер.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро го осуди таквиот потег и рече дека тоа ќе влијае на способноста на ОН да им помогне на луѓето во Авганистан.
„Силно ја осудувам забраната за нашите авганистански колешки да работат во авганистанската провинција Нангархар. Ако оваа мерка не биде поништена, таа неизбежно ќе ја поткопа нашата способност да им обезбедиме помош на луѓето на кои им е потребна“, напиша шефот на ОН на Твитер.
Досега, талибанската администрација не сподели никакви детали за акцијата на локалните власти во провинцијата Нангархар, на границата со Пакистан.
Сепак ова се случи по само помалку од три месеци откако три водечки меѓународни агенции за помош, вклучително CARE, „Спасете ги децата“ (Save the Children) и Меѓународниот комитет за спасување (International Rescue Committee (IRC)), во јануари објавија дека делумно ќе ги продолжат своите активности во Авганистан по уверувањето на талибанската администрација да дозволи работничките да ја извршуваат својата работа.
Овие агенции го прекинаа своето работење во декември минатата година, откако талибанците им забранија на жените да работат во локални и меѓународни хуманитарни организации.
Враќањето на талибанците на власт, проследено со прекин на меѓународната финансиска помош, ја остави земјата разурната од војната во економска, хуманитарна криза и криза за човековите права.
На жените и на девојчињата им се одземени правата, вклучително и правото на образование. Тие исчезнаа од јавниот живот.
Оттогаш, илјадници жени ги загубија своите работни места или беа принудени да дадат отказ од владините институции и приватниот сектор.
Девојчињата се спречени да посетуваат основно и средно училиште. Многу жени побараа да им се вратат правата со излегување на улица, протестирање и организирање кампањи.