Amir Latif Arain
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Пакистан е фокусиран на дипломатски напори за да ги убеди САД и Иран да одржат уште една рунда директни преговори, бидејќи не е постигнат напредок за „некои клучни“ прашања, главно за нуклеарната програма на Техеран, изјавија за Анадолу двајца извори од пакистанската Влада запознаени со ова прашање, јавува Анадолу.
„Двете страни разменуваат формули и пораки преку Исламабад за да го скршат мразот. Сепак, досега нема напредок во овој поглед бидејќи двете страни цврсто стојат на своите ставови за нуклеарното прашање“, изјавија изворите.
„Сегашниот фокус на дипломатијата на Пакистан, заедно со регионалните земји, е да ги убеди двете страни да одржат нова рунда директни преговори во Исламабад“, додадоа изворите.
Пакистан „сè уште има голема надеж“ дека двете страни „на крајот“ ќе се вратат на преговарачката маса, појаснија изворите.
Исламабад верува дека директните разговори би биле „поплодни“ отколку пренесувањето пораки преку трета страна, продолжија да објаснуваат изворите.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и министерот за надворешни работи Ишак Дар остварија нови контакти со катарскиот, саудискиот и египетскиот лидер во изминатите 24 часа за да разговараат за начините за излез од ќор-сокакот.
Министерот за внатрешни работи Мохсин Накви во неделата се сретна со иранскиот претседател Масуд Пезешкиан и со други ирански официјални претставници, во нов обид да ја оживее втората рунда преговори со САД за ставање крај на војната.
„Иако досега нема напредок во однос на промена на ставовите на двете страни за нуклеарното прашање, и двете страни сè уште сериозно ја продолжуваат дипломатијата за решавање на конфликтот“, дополнуваат изворите.
Според иранската формула од 14 точки, Техеран бара „одделни“ преговори за својата нуклеарна програма, вклучително и за прашањата за збогатениот ураниум, во рок од 30 дена откако двете страни ќе постигнат траен прекин на огнот, како што претходно објави Анадолу.
Но, Вашингтон сака ова прашање да биде „разгледано и решено“ пред трајниот прекин на огнот.
Пакистан посредуваше за двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран на 8 април, по што следуваа клучните преговори во Исламабад на кои присуствуваа високи делегации од двете земји на 11 и 12 април.
Сепак, страните не успеаја да постигнат договор за ставање крај на војната.
Оттогаш, двете завојувани страни разменуваат предлози и контрапредлози за да најдат компромис за продолжување на втората рунда директни преговори за ставање крај на конфликтот, кој веќе го наруши глобалното снабдување со енергија и секојдневниот живот низ регионот.