Ikrame Imane Kouachi
25 Ноември 2023•Ажурирај: 28 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Палестина ги нарече расистички и ги осуди изјавите на холандскиот екстремистички лидер Герт Вилдерс, чија исламофобна политичка партија ќе ја формира следната холандска Влада, кој повика Палестинците да бидат испратени во Јордан, јавува Анадолу.
„Палестинското Министерство за надворешни работи остро ги осудува расистичките потпалувачки изјави на холандскиот парламентарец Герт Вилдерс, со кои тој ги негира правата на палестинскиот народ, особено неговото право за своја независна држава со главен град Источен Кудс (Источен Ерусалим), и повикува на нивно раселување во Јордан“, објави државната палестинска новинска агенција Вафа, пренесувајќи го соопштението на Министерството за надворешни работи со седиште во Рамала, Западен Брег.
Министерството ги нарече изјавите на Вилдерс „повик за ескалација на агресијата врз нашиот народ и блатантно мешање во нашите работи и судбина“.
Министерството нагласи дека „палестинскиот народ ја покажа длабочината на својата непоколебливост во својата татковина“.
Министерството ја повика холандската Влада да ги „осуди и отфрли“ овие изјави, „во согласност со меѓународното право и меѓународниот легитимитет“.
Од друга страна и Јордан денес го осуди ставот на Вилдерс, за негирање на правото за слобода на Палестинците, нарекувајќи го расистички.
„Денес вицепремиерот и министер за надворешни работи и иселенички прашања Ајман Сафади оствари телефонски разговор со холандскиот колега Ханке Бруинс Слот, на којшто ја потврди осудата од Јордан за расистичките ставови објавени од екстремистичкиот пратеник Герт Вилдерс, со кои го ускратува неотуѓивото право на палестинскиот народ на слобода и своја држава“, стои во реакцијата на јорданското Министерство за надворешни работи.
Откако Вилдерс извојува голема победа на холандските избори на 22 ноември, тој повика на испраќање на милиони веќе раселени Палестинци во Јордан.
Веќе повеќе од 20 години, Вилдерс е познат по својата реторика која ја поттикнува омразата кон исламот и муслиманите, и по навредливиот говор за божјиот пратеник Мухамед и за Куранот.
Вилдерс е исто така цврст поддржувач на Израел со јасен антипалестински став.
Екстремно десничарскиот политичар се залагаше за преместување на холандската Амбасада од главниот град на Израел, Тел Авив, во Ерусалим и затворање на холандската дипломатска канцеларија во Рамала.