Rania R.a. Abushamala
24 Април 2025•Ажурирај: 25 Април 2025
РАМАЛА/АНКАРА (АА) - Палестинско дете е убиено вчера од израелските сили во воената рација во окупираниот Западен Брег, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Според палестинската Црвена полумесечина, 12-годишно момче e застрелано во лицето и стомакот во градот Јамун, западно од Џенин.
Очевидци изјавија дека израелските сили извршиле рација во градот, предизвикувајќи судири со разгневените жители, при што биле употребени вистинска муниција и солзавец.
Подоцна израелската армија ја презеде одговорноста за убиството на детето, тврдејќи дека „тоа се обиде да фрли експлозивна направа кон војниците“.
Во друг инцидент нелегални еврејски доселеници подметнале пожар во седум палестински куќи и пет возила во градот Синџил, северно од Рамала.
Градоначалникот на Синџил, Муатаз Тавафша, изјави дека „градот е нападнат вторпат во последните неколку дена откако групи доселеници извршиле напади врз земјиште во северниот и јужниот дел на Синџил, како и врз блиското село Ал-Мазраа Ал-Шаркија“.
„Големи групи доселеници, вооружени со пиштоли, палки и камења, нападнаа куќи и подметнаа оган“, додаде тој.
„Цел е да се заземат јужните земјишта на Синџил, да се изолира градот и да се претвори во нешто слично на затвор“, рече Тавафша.
Тензиите во окупираниот Западен Брег се големи, а убиени се повеќе од 956 Палестинци и над 7.000 се повредени од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, според палестинските податоци.
Во јули минатата година Меѓународниот суд на правдата ја прогласи децениската окупација на палестинските територии од страна на Израел за незаконска и побара евакуација на сите населби во Западниот Брег и Источен Ерусалим.