Mahmoud Barakat
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
ГАЗА (АА) - Палестинско момче кое пред две години доби велосипед на подарок од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја загуби едната нога, откако беше застрелано од израелските војници на границата на Појасот на Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
21-годишното момче по име Ала ал Дали, беше застрелано за време на протестите против долгодецениската окупација на Израел.
„Чувствувам дека израелската окупација ги уништи сите мои соништа“, изјави Ал Дали во разговор за Anadolu Agency (AA).
Момчето во септември 2016 година доби велосипед на подарок од турскиот претседател. Оттогаш, тој го вози велосипедот, тренирајќи еден ден да стане професионален велосипедист.
Турција со два брода во 2016 година и третиот во средината на 2017 година испрати помош од 14.000 тони во Појасот Газа, како дел од турските напори за ублажување на страдањата на речиси два милиона жители на Газа, кои се закрепнуваат од големата израелска блокада наметната од 2017 година.
„И’ се заблагодаруваме на Турција за поддршката која ни ја пружа“, изјави Ал Дали.
„Се надевам дека Турција ќе продолжи да не’ поддржува, така што ќе можеме да продолжиме со нашите соништа за спортот“, додаде тој.
- Изгубени соништа -
Ал Дали ја пројавил својата пасија за велосипеди кога имал 8 години, а во 2014 година се придружил на Палестинскиот национален тим и добил голем број медали.
Тој преку Палестинскиот национален тим наредниот месец требало да учествува во трка во индонезискиот главен град Џакарта.
Сега неговите планови се уништени откако тој ја загуби едната нога.
Ал Дали рече дека во моментот кога бил застрелан во неговата десна нога, носел спортска облека и стоел мирно на околу 200 метри оддалеченост од границата.
„Паднав на земја откако бев застрелан“, се присетува во очај момчето.
Тој бил пренесен во околната болница, но таа била преполна со повредени лица од Газа, при што бил принуден да чека три часа за да добие медицинска нега.
Ал Дали поминал два дена на интензивна нега и бил подложен на осум операции, со цел да му ја спасат ногата, а со тоа и неговата идна кариера, но сепак било залудно и единствена опција била ампутација на ногата.
Тој, исто така, бил подложен и на операција за трансплантирање на артерија, но за жал, и таа била неуспешна.
„Операцијата не успеа поради ефектот на експлозивниот куршум кој го користат израелските војници, а кој ја раскинува која било вградена артерија“, изјави Ал Дали.
Најмалку 41 Палестинци се убиени, а стотици повредени во огнот од страна на Израелците, откако на 20 март започнаа палестинските протести.