Bekir Aydoğan,İdiris Okuduci
07 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
ЕРБИЛ
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој престојува во четиридневна посета на Ирак, го посети градот Мосул каде што ја предводеше мисата за жртвите од нападите на терористичката организација ДЕАШ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Третиот ден од посетата на Ирак, папата по престојувањето во Ербил стигна во Мосул, каде што ја посети црквата „Ал-Тахира“, која во 2014 година ја уништија припадниците на терористичката организација ДЕАШ. Папата Франциск во текот на посетата на црквата се помоли за жртвите од терористичките напади.
Истакна дека се молел за сите жртви на непријателството и војните.
„Бурата во оваа земја, колевката на цивилизацијата, предизвика уништување на верските објекти на христијаните и муслиманите. Луѓето се раселени и убивани. Денес сме свесни за фактот дека мирот е посилен од војната“, рече папата Франциск и додаде: „Погрешно е да се објавува војна во Неговото име. Бидејќи, ако Бог е љубов, не е исправно да ги мразиме своите браќа.“
Папата рече дека имиграцијата на христијаните од Ирак и Блискиот Исток нанела несогледлива штета не само на поединците и заедниците, туку и на општеството што го оставиле зад себе.
По програмата во Мосул, папата Франциск ќе го посети регионот Бакдида во кој мнозински живее христијанско население. По Мосул, папата Франциск се враќа во Ербил, каде што ќе ја предводи мисата на стадионот „Франсо Харири“, со што ќе ја заврши својата посета на Ирак.