Dildar Baykan
17 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
ПАНМУНЏОМ (АА) - Заменик-претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Пенс, истакна дека заврши периодот на стратешкото трпение на САД за нуклеарните оружја на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс за време на својот престој во Азија ја посети демилитаризираната зона што ги дели Северна и Јужна Кореја, и во својата изјава за новинарите укажа дека режимот на Северна Кореја одбива да ги напушти нуклеарните оружја како и балистичките проектили. Во таа насока, Пенс истакна: „Заврши периодот на стратешкото трпение на САД“.
„Сакаме да видиме дека Северна Кореја го напушта патот што го следи за развивање нуклеарни оружја. Исто така, неприфатливо е постојано да користи и да тестира балистички проектили“, истакна Пенс и посочи дека помина половина век од првото тестирање на нуклеарно оружје од страна на Северна Кореја, и дека САД во овој период покажале стратешко трпение.
Ден претходно, Северна Кореја лансираше проектил, а Пенс ова го окарактеризира како провокација, истакнувајќи: „САД и нивните сојузници ќе ја достигнат својата цел за заштита на Јужна Кореја и за обезбедување стабилност во регионот, или по мирен пат, или пак на крајот на крајиштата, со она што е потребно“.
Во рамките на неговото 10-дневно патување во Азија, се очекува Пенс да се сретне со лидерите на Јужна Кореја, Јапонија, Индонезија како и на Австралија.
„Американската пацифична команда на 15 април, во 11.21 часот (по локално хавајско време) го утврди и го следеше лансирањето проектил на Северна Кореја“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на САД, објавено претходниот ден.
Во соопштението се вели дека проектилот е лансиран во близина на градот Симпо и експлодирал кратко време по лансирањето.