Gamze Türkoğlu Oğuz
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
КЕЈП КАНАВЕРАЛ (АА) – Американскиот потпретседател Мајк Пенс повика за пет години американските астронаути да бидат испратени на Месечината, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс, кој истовремено е и претседавач на Националниот вселенски совет, за време на состанокот на Советот во Хантсвил рече дека американската Национална администрација за аеронаутика и вселена (НАСА), „забрзувајќи ги работите“ треба до 2024 година да ги испрати астронаутите на Јужниот Пол на Месечината, во спротивно ќе бидат направени чекори Вселенската агенција да биде поагилна.
Пенс изјави дека за овие цели НАСА има потреба да ги искористи „сите методи“, додавајќи дека ако е потребно наместо ракетите и другите средства на НАСА ќе се употребат средствата произведени од приватните компании.
„Време е двојно да се зголемат нашите напори. Тоа може да се направи, но ако не се зголеми темпото, нема да се случи“, истакна Пенс.
Првиот човек на НАСА, Џим Бриденстин, нагласи дека ќе направат сè што е можно до 2024 година да се испратат астронаути на Месечината, а за тоа им се потребни мега ракети.
Експертите претходно изјавија дека пред 2028 година не е можно да се испратат астронаути на Месечината, и дека НАСА е скептична дека ќе го постигне тоа до 2024 година.
Ова лето ќе поминат 50 години откако САД го испратија првиот човек на Месечината. По астронаутите на Аполо кои стапнаа на Месечината во 1972 година, ниту една друга земја не успеа да испрати луѓе на Земјиниот сателит.
Пред да испрати астронаут на Месечината во јули 1969 година, НАСА имаше подготовки кои траеја 8 години.