Ekipa
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Началникот на Генералштабот на Војската на Соединетите Американски Држави (САД), Џозеф Данфорд, ги отфрли наводите на американските медиуми за планот дека илјада војници остануваат во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Волстрит џурнал“ („The Wall Street Journal“) синоќа објави дека властите на САД планираат по повлекувањето, во Сирија да задржат илјада војници, а неколку часа подоцна, началникот на Генералштабот на американската Војска, Џозеф Данфорд, ги отфрли тврдењата и соопшти дека нема никакви измени во претходно објавениот план за повлекување на американската Војска.
Данфорд, исто така, соопшти дека САД водат интензивни и конструктивни преговори со турските власти кои имаат оправдана загриженост за безбедноста во пограничниот појас до Сирија.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, уште во декември минатата година изјави дека терористичката организација ДЕАШ речиси целосно е поразена и најави повлекување на американската Војска од Сирија.
Во февруари Белата куќа соопшти дека околу 400 американски војници одредено време ќе останат во Сирија.