Michael Gabriel Hernandez
16 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американското Министерство за одбрана ги демантираше коментарите на висок сенатор дека Соединетите Американски Држави (САД) ги зајакнуваат своите капацитети на грчки остров за претстојна замена за турската воздухопловна база.
Портпаролот на Пентагон, потполковник Томас Кембел, за Агенцијата Анадолија (АА) изјави дека САД не планираат да го прекинат своето присуство во воздухопловната база Инџирлик, откако сенаторот Рон Џонсон за весникот „Вашингтон егзаминер“ (Washington Examiner) изјави дека САД го зголемуваат своето присуство во поморската база на Крит како алтернатива.
„САД работат во воздухопловната база Инџирлик со децении на покана на турската Влада и нашето континуирано присуство таму ги прикажува континуираните и силни односи меѓу САД и нашиот сојузник во НАТО, Турција“, истакна Кембел.
Џонсон, влијателен сенатор од Републиканската партија, претседател на Комитетот за домашна безбедност во Сенатот, во интервју објавено минатата недела рече дека американските власти ги интензивираат напорите за напуштање на Инџирлик во услови на тензии меѓу Вашингтон и Анкара, влошени поради низа прашања.
Меѓу нив се поддршката од САД за ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, турското купување на напредниот руски систем за противвоздушна одбрана и одлуката на САД за исклучување на Турција од заедничката програма за воените авиони Ф-35.
Џонсон за „Егземинер“ изјави дека САД сакаат да го задржат своето целосно присуство и соработка во Турција, но дека тензиите ги принудуваат официјалните претставници да го забрзаат повлекувањето.
„Мислам дека не сакаме да ја направиме таа стратешка промена, но сметам дека од одбранбен аспект, треба да ја гледаме реалноста на ситуацијата“, рече тој. „Веќе ја гледаме Грција како алтернатива.“
Џонсон рече дека САД сакаат да ја зајакнат својата поморска база во заливот Суда на грчкиот остров Крит.