Murat Ünlü
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Кандидатката на претседателските избори во Франција, Марин Ле Пен, по нападот што се случи синоќа во Париз, побара гранична контрола и депортација на лицата кои на разузнавачките агенции им се познати како сомнителни лица во врска со тероризам, јавува Anadolu Agency (AA).
Ле Пен денес зборуваше за мерките што е потребно да се преземат по нападот што се случи минатата ноќ во Париз, во кој загина полицаец, а најмалку двајца беа повредени.
Таа утрово изрази загриженост дека пред претседателските избори што ќе се одржат в недела, би можеле да се случат други напади, и побара безбедносна контрола на границите на оваа земја.
Според неа, францускиот народ има право да знае доколку постои сериозна закана. Напаѓачот, 39-годишен француски државјанин, беше убиен по синоќешниот напад. Одговорноста за нападот ја презеде ДЕАШ.
Во Франција сѐ уште е во сила вонредната состојба воведена поради нападот во Париз, на 13 ноември 2015 година, во кој загинаа повеќе од 130 луѓе. Одговорноста за нападот беше преземена од страна на терористичка организација ДЕАШ.
Минатата година, во слични терористички напади извршени во Франција загинаа повеќе од 230 луѓе.