Ahmet Gençtürk
02 Февруари 2023•Ажурирај: 03 Февруари 2023
СОФИЈА (АА) - Новиот состав на бугарскиот Парламент не успеа да формира влада, па се очекува тој да биде распуштен за да можат бугарските гласачи повторно да излезат на вонредни избори, пренесува Анадолу.
Бугарската новинска агенција БТА (BTA) јавува дека Парламентот веќе утре ќе биде распуштен и дека предвремените избори ќе се одржат на 2 април.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, го продолжи мандатот на техничката Влада на премиерот Галаб Донев.
Бугарија се наоѓа во политичка криза која трае уште од парламентарните избори одржани во април 2021 година.
Политичките партии не успеаја да формираат коалициска влада, па Бугарите уште трипати излегоа на гласање и тоа во јули и ноември 2021 и во октомври 2022 година.
Претседателот на Бугарија, Радев, именуваше различни мандатари за состав на нова влада, а последен обид за состав на бугарската Влада имаше проруската Бугарска социјалистичка партија (BSP), која има 24 претставници во Парламентот и води политика по пример на поранешната Бугарска комунистичка партија. Ниту Бугарската социјалистичка партија не успеа да собере мнозинство во Парламентот.