Mahmoud Barakat
13 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
ДОХА (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео денес изјави дека Вашингтон ќе бара нови одговори од саудискиот принц Мухамед бин Селман во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за време на прес-конференцијата со неговиот катарски колега, шеик Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани во Доха, Помпео го опиша убиството на Кашоги како неприфатливо.
Тој изјави дека САД ќе продолжат да комуницираат со Бин Селман за одговорните за убиството да бидат пронајдени и процесуирани.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Неговото тело сѐ уште не е пронајдено, а извештаите велат дека било распарчено и уништено.
Ријад подигна обвинение против 11 лица во врска со убиството на Кашоги и бара смртна казна за 5 осомничени лица.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја поздрави поддршката на Катар во антитерористичките напори на Вашингтон.
Говорејќи за време на отворањето на вториот стратешки дијалог меѓу САД и Катар во Доха, Помпео рече дека САД и Катар работат заедно за решавање на многу регионални прашања, вклучително и за Авганистан и Ирак.
Тој изрази благодарност до Катар за сместувањето на 13.000 американски војници во воздухопловната база Ал Удеид, повторувајќи ја заинтересираноста за зајакнување на билатералната соработка, особено што Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во ФИФА во 2022 година.
Помпео и неговиот катарски колега, шеик Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани, потпишаа голем број економски, политички и безбедносни договори за време на отворањето.
Државниот секретар на САД моментално е на турнеја на Блискиот Исток, во која беа вклучени Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Египет. Тој ќе ја посети Саудиска Арабија по Катар.
Во средината на 2017 година, Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ и Бахреин ги прекинаа дипломатските и трговските врски со Катар, обвинувајќи ја Доха за поддршка на тероризмот, обвинение што жестоко го негираше Катар.