Mahmut Atanur
03 Јануари 2020•Ажурирај: 04 Јануари 2020
ЏАКАРТА
Поројните врнежи од дожд во Индонезија предизвикаа поплави и свлечишта во кои досега животот го загубија 43 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Агус Вибово, портпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи (BNPB), изјави дека за време на новогодишната ноќ, покрај градовите Џакарта, Депок, Бекаси и Тангеранг, под влијание на поројни врнежи од дожд се наоѓале и подрачјата Богор и Лебак. Поројните дождови предизвикале поплави и свлечишта во кои досега животот го загубија 43 лица.
Вибово истакна дека од природната катастрофа најголем број на починати има на подрачјето Богор, 16 лица, информирајќи дека од 43 загинати, 12 лица починале од свлечиште.
Тој соопшти дека од подрачјата зафатени со поплавите се евакуирани приближно 400.000 лица, додавајќи дека во тек е широкоопсежна операција за пронаоѓање и спасување.
Со цел да не дојде до зголемување на бројот на загинати, власта ги предупреди лицата чии домови сè уште се поплавени, што поскоро да преминат во побезбедни подрачја.
Од друга страна, Агенцијата за метеорологија, клима и геофизика (BMKG) на Индонезија упати предупредување до населението дека се очекува поројните врнежи од дожд да продолжат до 10 јануари.
Индонезија се наоѓа во екваторскиот појас и често е зафатена од поплави и свлечишта поради поројните врнежи од дожд, особено во октомври и април.