Mahmut Atanur
25 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
ЏАКАРТА (АА) - Аеродромот кој се наоѓа во подрачјето Малуку, во североисточниот дел на Индонезија, привремено е затворен поради пепелта и димот што ги исфрла вулканот што се наоѓа во близина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави весникот „Темпо“ („Tempo“), од викендот е зголемена активноста на вулканот Дуконо, од кој излегуваат пепел и дим, кои ги попречуваат активностите за летање на аеродромот „Гамармаламо“, сместен во околината.
Директорот на аеродромот „Гамармаламо“, Ахмет Саифудин, соопшти дека пепелта и димот од вулканот се многу опасни за летовите и дека од неделата наваму негативно влијаат врз воздушниот сообраќај.
Саифудин не можеше прецизно да каже кога аеродромот повторно ќе биде пуштен за сообраќај, истакнувајќи дека првенствено е важна безбедноста на патниците.
Во текот на годината често се случуваа експлозии на вулканот Дуконо и поради тоа се упатуваат предупредувања во подрачјето оддалечено до 2 километри од вулканот да се избегнуваат какви било активности.
Аеродромот „Гамармаламо“ на 8 август 2016 година беше затворен за сообраќај поради активностите на вулканот.
Индонезија се наоѓа во земјотресниот и вулкански појас наречен „Пацифички огнен прстен“, и во оваа земја има 130 активни вулкани.