Serdar Dincel,Riyaz Khaliq Khaliq
12 Август 2024•Ажурирај: 13 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, тврди дека Соединетите Американски Држави (САД) стојат зад нејзиното соборување, бидејќи таа одбила да го предаде островот Сент Мартин, што би му дало на Вашингтон влијание врз Бенгалскиот Залив, пренесува Анадолу.
Хасина „обвини дека САД имале за цел да ја соборат од власт поради нејзиното одбивање да ја отстапи“ контролата од островот Сент Мартин, „што би им овозможило на САД да имаат влијание врз Бенгалскиот Залив“, објави вчера индискиот дневен весник „Економик тајмс“.
Цитирајќи порака пренесена преку нејзините „блиски соработници“, во веста се вели дека Хасина (76) „можела да остане на власт“ со предавање на суверенитетот на островот Сент Мартин.
Локално познат како Нарикел Зинзира, или Кокосовиот Остров, островот Сент Мартин, мала маса копно која опфаќа само три квадратни километри, се наоѓа во североисточниот дел на Бенгалскиот Залив, околу 9 километри јужно од ‘ртот на полуостровот Кокс Базар-Текнаф. Ја означува најјужната точка на Бангладеш.
Во веста се додава: „Таа избра да не прави компромиси за суверенитетот на островот, истакнувајќи ја стратешката важност на островот и потенцијалното геополитичко влијание што го претставува во регионот“.
Пред нејзиното соборување, кое стави крај на нејзиното 15-годишно владеење, Хасина во мај тврдеше дека „во тек е заговор за да се издвои христијанска држава како Источен Тимор“ со делови од Бангладеш и Мјанмар.
Без да каже нација по име, Хасина рече дека ѝ бил „понуден реизбор без проблеми на изборите на 7 јануари доколку дозволи странска земја да изгради воздухопловна база на територијата на Бангладеш“, јави Дејли стар од Дака.
Хасина, исто така, изрази „жалење“ во врска со тековните политички немири во Бангладеш по нејзината оставка на 5 август, што започнаа со протести со барање за укинување на контроверзниот систем на квоти за јавните работни места.
Според индиските власти, Хасина побегнала од Бангладеш на 5 август во соседна Индија, каде што моментално престојува.
Според весникот „Протом ало“, најмалку 580 смртни случаи биле пријавени од 16 јули во протестите против владата на Хасина, а 326 такви убиства биле пријавени за три дена во периодот меѓу 4 и 6 август.
Набргу откако таа побегна на 5 август, началникот на Армијата на Бангладеш, генералот Вакер-уз-Заман, рече дека Хасина поднела оставка. Заман најави формирање преодна Влада.
Еден ден подоцна, претседателот на Бангладеш, Мухамед Шахабудин, го распушти Парламентот, кој беше избран во јануари кога Хасина стана премиерка по четврти пат.
Нобеловецот Мухамед Јунус на 8 август положи заклетва како „главен советник“ да ја предводи 17-члената преодна администрација во Бангладеш.
Главната опозициска Националистичка партија на Бангладеш побара национални избори во рок од три месеци за да им се предаде власта на народните избраници.